Забава

Страшни работи нè чекаат

Ако ова не ве уплаши, тогаш ни од мечка не треба да се плашите. Видео спакувано од оние генератори на видео содржини управувани од вештачка интелигенција. Во случајов кратко интервју со Џозеф Бајден и Барак Обама. На Обама можеби може уште малку да се поработи, ама Бајден е пасент. Е, сега замислете што ќе има за едно пет години и како сите ќе збудалиме.

Генерациски гестови

Можеби немате забележано па ова компаративно видео ќе ви покаже колку се имаат сменето гестикулациите на две различни генерации, оваа денес и онаа што е растена со фиксни телефони, рачки за пенџериња во кола, миење садови... Миење садови? Да.

Да си зобате и да не се закачате

Кратка ама мрсна лекција за сите оние кои се убедени дека се хранат здраво ама тоа некако не им е доволно да бидат среќни па ги дрват оние другите трошејќи им го времето во убедувања дека грешат. Добро, со оглед на тоа дека се хранат како гулаби, јасна е таа нивна постојана нервоза и напнатост. А за другиве, да, свињи се. А со кој организам е посличен нашиот, со оној на свињата или со сончогледот?   

Кога ќе видиме Тито да ја пее „Бисер Балкански“?

Јасно е дека за пет години (кога работата ќе отиде бестрага) ќе се чудиме на што сме се чуделе, ама дур сме сега и овде, да си се изначудиме на раат. Уште еден марифет од епархијата на вештачката интелигенција во која се мешаат вокали, ликови, епохи и јазици... На пример, Одри Хепберн пее песна од Ед Ширан, во интерпретација на Саманта Харви.  

Бежанија на западни мажи од западни жени

Пазете го вие овој тренд: се викаат „passport bro“, зашто земаат пасоши (ах, каков луксуз!) за да отидат во странство (Азија, Филипини, Доминикана...) и да најдат нормална жена, пошто домашните не се трпат: разбудени и прогресивни а кенкави и никакви. Притоа вториве се убедени дека нивните конкурентки во странство се необразувани и прости, па после маживе снимаат видевца каков живот живеат и каква премија од партнерка си нашле.   

Денес е денот

Се чувствувате заглавени во еден од оние безбројни глупи денови во кои не гледате никаква радост или смисла на вашето постоење на оваа планета? Седите дома или на работа, безвезно скролате или вртите канали или мислите да пишете ливче за кладилница, ама сето тоа нема никаков вкус? Дозволете ѝ на оваа девојка да ве понесе фаст форвард, за да сфатите каков луксуз имате баш денеска. 

Луи СиКеј во одбрана на својата нормалност

- Уау, мастурбирањето тебе навистина ти е битно? -го прашува девојката. - Да, тоа ме одржува нормален, одговара Луи. Чесен граѓанин сум, добар татко, плаќам данок, рециклирам и мастурбирам. И горд сум на тоа и Господ е раат. И подоцна кога ќе мастурбирам ќе мислам на тебе. И не можеш ама баш ништо да направиш во врска со тоа. 

Ќути, бели сме

Две преслатки цуци, самоуверени и освестени, зборуваат за своите високи стандарди за спротивниот пол. Едната се лади ако дечкото не вежба, другата ако е белец. Сакаат да е многу богат, многу црн, да им се купуваат подароци, да им се плаќа кирија, да се носат на товење, пардон шетање. И да, на жените им било потешко, бидејќи се сексуализирани. Па не може боље од ова!

50 филма во 5 минути

Кристофер Вокен почна сериозно во Ени Хол и Ловец на елени (1977 и 1978) и не му требаше долго време да се разигра (во Pennies from Heaven,1981) и да потсети дека кариерата ја има почнато како танчер а првите лекции ги има земено на 3 години. Оттогаш има танцувано/ шизено во 50 свои филма, што го круниса со оној фамозен спот на "Weapon of Choice" на Фетбој слим. „Морав да го направам тоа додека уште не сум стар,“рече челото за тој потег.

Спремни за анти-воук комедија?

Јасен е тој и физички и политички принцип: колку едно клатно повеќе го затегаш во еден правец, толку повеќе, кога ќе го пуштиш, ќе отиде во спротивниот правец. Така и со ова. Што организирано, што спонтано расфрлани како денунцијанти по социјалните мрежи, овие фејкерскиве прогресивци толку се забахатија правејќи фетиши од нивните светости, што беше само прашање на време кога вицот ќе затропа на нивна врата.  

Капиштец го чека својот Бонамаса

Во комшилук на Џо Бонамаса имало журка, малку прегласна за тамошните стандарди на резиденцијалниот кварт (инаку, смешка во споредба со аудио теророт кој Интермецо со години му го прави на Капиштец), ама па тој решил да не им ќути. Гитара, појачало, овердрајв на најјако и - Smoke on the Water. Јер говеда со убаво не се разбираат. 

Во ништо да не верувате

Ќе ја објавевме и ние девојката која покажува колку е ладно кај неа со истурање вода надвор а водата инстантно замрзнува во спирала како што таа ја истура. Ама тие денови го објавивме оној клип со гз папирот, па да не тупиме многу со тоа ладното. Десетици дена и десетици милиони лајкови подоцна, малата признава дека е превара и објаснува како е направена.   

Не дека не сме биле во вакви кафани...

„Ресторан на згрешени нарачки“ е името на овој поп-ап ресторан во Јапонија во кој 37% од нарачките се утнати затоа што целиот келнерски персонал го сочинуваат луѓе со деменција.  Иако го добиваат она што го нарачале само во 63% од случаите, 99% од посетителите заминуваат среќни од ресторанот. Така де, големо чудо ако ти донеле ориз наместо нудли. А старине - срцки.

Јбг, некој мора да ја уништи забавата

Жал ни е, но ќе мораме да ја расипеме радоста на сите оие кои со одушевија од клипот од Давос, кога еден млад дечко од говорницата прописно му се насерува на злотворот Клаус Шваб од Светскиот економски форум, по што овој ко посран ја напушта сцената. Јеби га дечки, фејк е. Монтажа. Ама видете уште еднаш, и фејк прави ќеиф, мајку му!

Дувај си Милоше

Србин направи пометња во муабет со еден стендап комичар. Што и да го прашаат, тој врти накај ЛГБТ теми, односно сексуалната ориентација на неговата партнерка. Но, тоа е само фаза еден. Во фаза два се открива дека таа е од Русија ама е маж. Во фаза три дека тие двајца се - брат и сестра?! Дури на крај Милош признава на што се должи оваа мала конфузија. 

Комшија, вифито бе?

Пар примери од ликови кои го сркале отвореното вифи на комшијата па откако на овие им било бавно и ставиле пасворд, им се ставаат на врата да им се бунат дека не е фер. Прво го најдовме стариот и мислевме неговата глупоќа да ја препишеме на годините и несфаќањето како функционираат работите. Ама потоа наидовме на оној помладиот створ.

*****

Јбг, некој мора и научник да стане

За родител има нешто релаксирачко во сознанието дека детето најверојатно нема да му стане Нобеловец, пошто може да престане да го напнува непотребно. Ама, не сите родители имаат таква среќа. Чујте го „експозето“ на малиот а после и мајката, по што некои работи ќе ви станат појасни. Да ги прашаме нешто вакво оние нашине, „обичнине“, по дома, за момент бледо ќе те погледаат и ќе продолжат со скролање на мобилен.

Смеј се, ќе се разведуваме

Човек може да се прашува што стои зад оние монтирани насмевки и среќни врски на познатите фаци кога се сликаат по црвени килими за да бидат објавувани по жолти печати. Некогаш па и не мора да се прашува. На Златните глобуси се сликаа Џон Красински и Емили Блант кои се во брак 16 години. На многумина им се слушна како тој насмеан, низ заби ѝ вика: „Едвај чекам да се разведеме, озбилно“.  

Како да насмееш дементна Американка

Стара жена со поодмината деменција, ја прашуваат дали знае кој е претседател на Америка. Појма нема жената. Потоа ѝ помагаат, па и ја кажуваат првата буква од презимето на актуелниот прв човек на државата. Јок, статива. На крај ѝ кажуваат дека претседател на САД е Џозеф Бајден. Тука сме. 

Капетан Марвел, дај прибери се

Никој не очекува 34-годишната Бри Ларсон  на црвениот килим на Златните глобуси да се расплаче за децата од Појасот Газа или војниците на украинскиот фронт, ама па до толку да се раскравиш затоа што покрај тебе ќе помине Џенифер Лопез?? „Ќе се расплачам. Не можам да се справам со Џеј Ло!“, крикна Бри по што следуваше стандардното „Ти мене војвотке, јас тебе сердарке“. Овие од Холивуд џабе одат по психијатри.

Мамо, кој чука на порти

Саркастична,  речиси забавна пародија на она што изрелските доселеници го прават со домовите во кои со генерации живеат Палестинци, во име на наводното право да се живее на вековните територии на своите предци. Елем, во рандом англиски дом чука Римјанка со неприкосновени историски права. Вистинска Римјанка, Јупетаријанка. 

Има ли пилот (на ДУИ) во авионот?

Канцерот што нас одвнатре нè јаде и ги урнисува сите можни професионални стандарди и лични квалитети и заслуги а се вика Рамковен договор и од него изведените етнички квоти (кои веднаш се преведуваат во партиски квоти), тоа на Запад во последно време се прави во име на прогресивноста и диверзитетот. Глупичко е кога таа малигна идеологија ќе влезе во Холивуд, ама страшно е кога ќе влезе во пилотската кабина.  

Стиховна метеo прогноза

Пазете го вие овој досетлив мангуп. Се вика Адам Кругер и е главен метео човек во една хјустонска телевизија. Пошто тој метеоролошки јазик е ужасно сувопарен (се очекува влажен северен бран, сончево до местимично облачно, сообраќајот се одвива по суви коловози...), Адам ги прошарува своите извештаи со познати стихови од познати песни. И мнооогу добро тоа го пакува.

Американска лустрација на тема Џефри Епстин

На американската елита ѝм тече по ногавици од објавувањето на имињата поврзани со озлогласениот Епстин и неговиот педофилски ланец за сексуални услуги. Право време да се потсетиме и да станат појасни киселите насмевки на холивудскиот крем кога Џервеис им го спомна Епстин и патем ги ребреше дека некои од нив имаат поминато помалку време на школски клупи од Грета Тунберг.