Една скапа граѓевинска

Денешната салата е нешто налик на граѓевинац со лакирани нокти. Или некој ЦЕО на тек-компанија шо седнал пред драгстор. Корпоративно преткоперациски. Се јавува крстепетковмисирковската дилема: Зашчо? Затоа што ќе експериментираме и фузираме класично мајсторско мезе со фенси намирници. Кога велам фенси, алудирам на цените. Општо познато е дека тандемот туна-кромид е симбол на врвниот машки перформанс, од секој аспект и на секое поле. А највеќе на Овче Поле.

Но неретко, шампионите знаат да бидат скарани од своите избраници и остро критикувани за нивото на холестерол или генерално за лошите диетални навики. Навидум наивни, но мажјаците секогаш мудро наоѓаат дејтонско решение и потпишуваат споразум за мир у куќа. Во конкретниот случај, ги задржуваат истите или сличните компоненти и само додаваат марула. А има ли нешто подиетално и здраво од марула? Нема, нема и не ќе се роди.

Така е измислена салатата со марула и риба конзерва. Шала на страна, ова е убер јака салата. Да се фрлиме кон компонирање:

Оваа салата обично се прави со најевтините намирници што можат да се најдат на рафт. Такво е правилото, инспирирана е од урнекот на четврт леб + алпска + мајонез сендвичот. Јас ќе се обидам да ја спакувам на попрефинет начин, притоа не менувајќи ги елементите туку квалитетот на истите. Вие слободно штимајте ја според буџетот.

Риба конзерва: најчесто се користи ситно сецкана туна конзервирана во сончогледово масло. Јас ќе ја заменам со цели сардини во маслиново и лимон. Сардината е сериозна риба, јас ја обожавам.

Зелена салата: марула. Јас ќе користам шарена.

Мајонез: обично во сaлатава иде оној од кеса. Но и така пакуван мајонезот може да биде сериозен. Ставете од вашиот омилен. Јас најдов некој со членска од есдеес, со тартуфи, демек. Мижи Митре тулумби паѓаат.

Лимон: цел

Маслинки: обично идат оние омекнатите што често знаат да ја заебат салатата со својата горчина. Јас користам онакви без сол, ситни.

Сенф: не е по библиски рецепт, али зошто па да не.

Прво ја сецкаме марулата. Потоа го истураме маслиновото масло од конзервата. Рипките ги сецкаме по желба. Ги додаваме. Јас маслинките ги сецкам на половинка, но обично се додаваат раскомбасани маслинки.

Во длабок сад додаваме 3 лажици мајонез, лажица ипол сенф и сок од еден лимон. Промешуваме додека не добиеме хомоген сос. Уствари дресинг.

Во садот со салатата додаваме зачини како што се сол и црн пипер и потоа ја дресираме салатата со нашиот дресинг. Сериозно промешуваме. Оваа салата трпи и магдонос и затоа, логично - додаваме магдонос.

Тоа е тоа. Брзо, преедноставно а одлично. Слободно третирајте ја како гарнир но и како главен оброк. Се испостави дека моите сардини биле доста жедни: ми испија бокалче ипол ракија, без шкрга да им мрдне. Страшно.

Кирил Стоименов - конзервативец

20 април 2024 - 15:56