Балканштина

Антонио, јак Антонио

Србија вади уште еден јак „персоналити“, чии фрази и реплики веќе стануваат рефрени по социјални мрежи. Посветен е на храна и бекријање по што оди на салатирање и чистење на организмот. Има глас ко Бери Вајт, јужњачки редуцирани падежи и кај него сè е јако и напукано: јаки кривини, јаки чуреви и фанови, јак разврат, јаки фудбалерски нозе... Елате да го запознаете Антонио.

Сакаме вака да остариме

Не го слушајте тој што лапрда коментирајќи ја сцената, тотално ја утнува поенатата... Што фали вака да е, под услов на старост да те држат нозете и да те држи главата? Рано сабајлечки на балкон даваш неколку јаки голчиња (или набаценки) и после влегуваш внатре, вртиш по утрински програми и прашуваш што ни е темата денес. Или од нигде никаде им ја запејуваш Еленор Ригби во програма. Цут.

Само во Белград ли да се лета?

Во еден скорешен напад на футуристичка епифанија, Александар Вучиќ најави дека до 2027-ма година во Србија ќе има летечки автомобили и таксија. Некои пакосно реагираа со предлог прво да смислат начин како на автобусите за јавен превоз да не им испаѓаат тркалата, ама оваа советничка (мислиме дека е Лесковац), сака нејзиниот град навреме да го фати „возот.“ Така е кога ќе летне пилето. 

Женска инкарнација на Данило Бата Стојковиќ

Или ние сме подзабегале или само ни недостасува Бата (Маратонци, Ко то тамо пева, Грлом у јагоде...), тоа глумчиште кое градеше неповторливи архетипски ликови од Балканот, ама женава неодоливо нè потсети на неговиот Човоровиќ од Балкански шпион. Оди мирно, навидувам си гледа своја работа, ама само затоа што никој не ја прашал за ништо. А кога ќе ја прашаш, ете го Бата, ете ја Сека!

А им се смееја на пензионерите во Лидл

Во еден шопинг мол во Нови Сад деновиве се отвораше нова парфимерија (Сефора-Србија). На првите 100 купувачи им било ветено дека ќе добијат некое тестерче или друго поклонче. Само да ја видите гужвата на напредните генерации кои не можеа да се начудат на гужвите на старите гагаџии во Лидл. Внатре било стампедо, хоас и грабање од раце.