Ексцентричната наследничка на Сингер

Пробала (и не успеала) да го заведе Винстон Черчил, пораснала со тетка ѝ откако мајка ѝ се самоубила и е единствената ќерка на Изабел-Бланш Сингер - да, тие Сингер, империјата за машини за шиење.

Родена е во 1890 како Маргерит Северин Филипин Деказ де Глуксберг, а позната е како Дејзи Фелоус - чиста аристократка, мајка, поетеса, романсиерка, заштитничка на уметноста и париската уредничка на Харперс Базар.

За првиот сопруг, принцот од Брогил се омажила во Париз во 1910. Умрел од инфлуенца, но има гласини дека причината била изложеноста на хомосексуални активности додека служел во француската војска во Алжир. Наводно и Дејзи го фатила со семејниот шофер во кревет. Живееле во Оксфордшир, каде што растеле и трите принцези Емелин, Изабел и Жаклин. За нив, нивната ексцентрична мајка ќе каже:

„Најстарата, Емелин е како мојот прв маж, само многу помажествена; втората, Изабел е како мене, ама нема храброст, а третата, Жаклин е резултат на ужасен човек што се вика Лишман…“

Вториот маж е роднина на Черчил и син на вториот Барон де Рамзи - почесниот Реџиналд Ејлвин Фелоус, со кој имала само едно дете. Еден од љубовниците ѝ бил британскиот амбасадор во Франција, Даф Купер, а имало гласини дека и Черчил сакала да го заведе, само за на крај да мора да се помири со братучед му.

Има напишано неколку дела - неколку романи и нешто поезија. Остава печат и на модната историја - позната била како една од најхрабрите модни икони на 20-от век, била една од највлијателните муштерии на Елса Скиапарели и ги подржувала и Картие и Сузан Белперон.

Умира во 1962. Книгата Cats in the Isle of Man сè уште се наоѓа, некаде и за над 160 евра, некаде и за 400.

12 април 2024 - 00:00