Зошто се зумерите толку опседнати со „стари пари“?

Новата генерација што сега созрева е вљубена во класичните симболи на богатство - тегет блејзери, џемпери и стил како излезен од „Талентираниот г. Рипли“. Импликациите се комплицирани.

Интернетот е преплавен со слики и видеа со „естетика на стари богаташи“, и сите хаштагови поврзани со тоа добиваат милиони прегледи и лајкови.

Ричард Томпсон Форд, професор по право на Стенфорд, кој ја има напишано книгата „Дрес-кодови: Како Законите на модата влегоа во историјата“, пошироко го дефинира она што се нарекува old money aesthetics како сè што потсетува на елитите од источниот брег кон средината на 20. век - нека ви текне на „Династија“ и како се облекуваа за „разонода“. Значи класични парчиња - не следење трендови, и изработени за да траат. Безвременски се во секоја смисла на зборот и би можеле да се носат и денес и пред 100 години, без тој што ги носи да изгледа како да е од друго време.

На трендот му помага и самиот цајтгајст, кој одговара на таа сеприсутна жед кај младите за живеење на тој старобогаташки живот - филмот „Солтбурн“ скоро излезе, а само што стигна и новиот „Рипли“ на Нетфликс.

Прашањето е: Зошто сега?

„Првото што ми паѓа на памет е носталгија,“ вели Форд. „Носталгија за некои подобри времиња, кога Западот беше посамоуверен.“

И навистина се забележува еден копнеж по нормалноста што како да ни е на дофат на рака, а зрачи од оваа естетика, како да претставува столб на традиција и класика што денес ја нема во целиот хаос. Или, во свет на „до вчера зуби немаше, сега е директор“, на младите новиот концепт им се чини како безбедна утопија.

22 април 2024 - 11:25