На транс-жени треба да им се забрани да се натпреваруваат против жени

На жените спортистки треба да им се даде „спортска шанса“ бидејќи нивните конкурентки родени како мажи имаат „неспорна предност“ порачува британската министерска за култура и спорт, Луси Фрејзер.

Фрејзер повикала на состанок претставници на повеќе спортови и од нив побарала да се спречат трансродовите жени да се натпреваруваат против биолошките жени во натпреварувања на елитно ниво.

Во својот текст за Дејли меил, Фрејзер порачува дека спортските асоцијации треба да изградат „јасна позиција“ на темата. Таа ги опоменува дека и покрај владините насоки со кои тие се поттикнуваат да го земат предвид фер-плејот и безбедноста, дел од спортските асоцијации не го прават тоа „доволно обемно и доволно брзо.“

„Во спортот биологијата е важна. И онаму каде машката сила, големина и облик на телото им дава на спортистите неспорна предност, тоа не треба да биде игнорирано.

Со заштита на женската категорија, женските спортови ќе останат безбедни и фер и ќе помогнат да опстои сонот на многу млади девојки кои сонуваат дека еден ден ќе бидат елитни спортистки.

Мора да се вратиме на давање на рамноправна шанса на жените да се натпреваруваат. Жените треба да имаат спортска шанса,“ пишува Фрејзер.

Таа ги издвои асоцијациите за крикет и фудбал на Британија и Велс и ги повика да го следат примерот на други асоцијации и да го забранат учеството на транс-жени во женска категорија. Претходно повеќе асоцијации, меѓу кои пливачката, велосипедската, атлетичарската, воведоа правила за заштита на биолошките жени.

Пример, пливачката асоцијација минатата година објави дека ги исклучува транс-жените од женска конкуренција и воведува нова категорија за нив, па кој колку сака нека се натпреварува таму.

Организацијата Фер плеј за жени на почетокот од годинава објави извештај кој покажа дека жени и девојки се откажуваат од најразлични спортови откако биле повредени или уплашени од трансродови спортисти.

Пред интервенцијата на Фрејзер студија на НХС (британскиот национален здравствен систем) заклучи дека на децата кои се незадоволни од полот во кој се родиле им е сериозно наштетено од недостатокот на медицинско истражување и „упадливо слабите“ докази за медицинските терапии кои им се даваат како блокатори на пубертет. Во исто време британската министерка за здравство ја критикуваше „културата на таинственост“ кај родовите терапии.

21 април 2024 - 12:39