Болоња ја преслуша Рома со голчишта среде Олимпико

Што е со оваа Болоња? Сензација на сезоната која се поизвесно е дека следна сезона ќе игра во Лига на шампиони.

Во сенка на миланското дерби кое го доби Интер со што ја официјализираше титулата број 20, Болоња понеделнички се отвори против Рома на гости и ја совлада со 1:3.

Момците на Тијаго Мота играат како во транс и имаат само 1 пораз на последните 13 средби во Серија А, додека на Рома и го нанесоа првиот пораз после 10 февруари.

Добија тежок противник на гости кој игра како препороден под водство на Де Роси и тоа со атрактивни голови.

И тоа не само еднаш, туку два пати оваа сезона, за што статистиката вели дека Болоња за прв пат по 1967-ма година два пати во иста сезона ја победува Рома.

Шокот за римјаните се случи по само 14 минути игра благодарение на акробацијата на Усама Ел Азузи од Мароко.

На истекот на првиот дел погоди Холанѓанецот, Џошуа Зиркзи после убаво изградена акција.

Точка на мечот стави Белгиецот Алексис Салемакерс, кој го знаете од Милан, со прекрасен потег еден на еден со голманот.

Погледнете го како гази овој тим со 17 победи, 11 нерешени и само 5 порази. За споредба, Рома има 9 порази, Аталанта и Наполи по 10, Лацио 13.

Со оглед на тоа што и петтиот оди во Лига на шампиони, Болоња на 5 кола до крај е многу блиску со сензационален пласман во ЛШ.

23 април 2024 - 10:00