Овие па...

Манчестер Јунајтед остана целосно без компасот кој милиметар не смееше да му мрдне на незаменливиот Сер Алекс Фергусон. Се надминаа себе си сезонава. Имаат повеќе примени голови од дадени.

Кристал Палас - Манчестер Јунатед понеделнички 4:0 е дебакл, за кој ако денеска прашаме да го искоментира нивен навивач, сигурно ќе одговори дека да можел би го преспал тоа резил.

Загубија од тим без никакви амбиции со 43 бода и 15 порази, како и пласман на 14-та позиција на која ќе останеше и да загубеше.

Од другата страна имаме гостин кој се бори за Европа и без која има големи шанси да остане, но за тоа подоцна.

Сега малку бројки на штета на клубот чии навивачи живеат во темнина од 2013-та па наваму. Распадот оваа сезона на кратко може да се опише вака:

- Манчестер Јунајтед има само една победа на последните 7 средби во Премиер лигата.

- Ова им е 13-ти пораз сезонава, рекорд во Премиер лигата.

- На 3 кола до крај имаат 54 бода, најмалку по заминувањето на Фергусон.

- Имаат замислете 52 дадени, а 55 примени голови. Никој друг од седумте екипи кои се наоѓаат над нив на табела не е ниту близу до гол разлика изразена во минус. На пример Арсенал е со +60.

- Сезонава имаат примено вкупно 81 гол на сите натпреварувања, нешто невидено од сезоната 1976/1977.

Во една фаза од сезоната, тимот на Тен Хаг изгледаше како да може да изврши притисок врз Астон Вила за место во Лига на шампиони, но тој сон одамна на постои.

Со ужасната серија од една победа на последните 7 натпревари, Манчестер Јунајд е изложен на ризик да испушти било какво место на меѓународна сцена.

Во моментов се осми, со ист број на бодови колку Челси, уште еден утепан тим оваа сезона, кој пркна во последно време.

За да излезат во Европа ќе мора да завршат седми и да се задоволат со Конференциска лига или да го победат Манчестер Сити во финалето од ФА Купот на 25 мај за да играат во Лига Европа.

Следниот противник во Премиер лига, нема да им биде баш по ќеиф, бидејќи се работи за Арсенал. По него, на Олд Трафорд им доаѓа Њукасл, а во последно коло играат на гости со Брајтон.

Манчестер Јунајтед не личи на себе уште од сезоната 2013/2014, кога со 64 бода завршија седми, веднаш по заминување на Ферги.

Ерик Тен Хаг им е осми тренер и во последниве 11 години се сведоа на вкупно 5 трофеи од кои 3 со Мурињо: Лига Европа, Карабао Куп и Комјунити Шилд. Со Луј ван Гал освоија ФА Куп, а со Тен Хаг лани Карабао.

7 мај 2024 - 11:17