Испишувањето на ракометната историја на Италија е тесно поврзана со Лино Червар

Развојот на македонскиот ракомет со акцент во Автокоманда, како и нивниот историски успех во Лига на шампиони се должи на учителската осумгодишна лекција која ја добија од „Волшебникот од Умаг“. Но знаете ли дека Лино е човекот кој за прв пат ја однесе Италија на Светско во спорт по кој воопшто не е позната?

Додека во Борис Трајковски момците на Кире Лазаров експлодираа и ја анулираа високата предност на Фарски Острови, во Подгорица пукна сензација.

Ја направија ракометарите на Италија кои ја елиминираа Црна Гора во баражот и стигнаа до Светско првенство. И тоа со две победи, дома 32:26, на гости 34:32.

Италијанците се аутсајдери во ракометот или како што го велат тие pallamano (palla - топка, mano - рака).

Кога ќе се спомене италијански спорт, прва асоција е се разбира фудбал (calcio). Отсекогаш биле познати и успешни и во кошарка, одбојка, ватерполо, но никогаш во ракометот.

Затоа можеби и малкумина знаат или паметат дека Италија до сега има само едно мундијалско учество и тоа под водство на Лино Червар, кој им беше селектор 6 години 1994-2000.

Хрватскиот стратег ја испиша ракометната историја со аѕурите со пласманот на СП 1997 во Јапонија, каде прваци станаа Русите, а за најдобар играч на турнирот беше прогласен Талант Душебаев.

Истата година Червар со Италијанците освои сребрен медал на Медитеранските игри, а следната 1998-ма ги однесе и на Европско. Во битка за 11-то место ја совлада Македонија со 27:26.

Во тоа време Червар подоцна бил именуван и за директор на сите машки и женски ракометни селекции на Италија, а таму ја објавил и книгата "Moje viđenje rukometa".

Италијанците не го забораваат хрватскиот стратег и пред 4 години пишуваа за неговата награда која ја доби во родниот град Умаг. Признание за човекот кој го доведе хрватскиот ракомет на ѕвезведи нивоа.

Зад светскиот ракометен стручњак стојат 23 клупски трофеи, но пред сè светска и олимписка титула со селекцијата на Хрватска, како и пет сребрени медали на две СП и три ЕП.

Третиот национален тим кој го водеше во кариерата беше Македонија во периодот 2016-2017, а најсилниот белег кај нас го остави како тренер на Металург во кој направи револуција.

Ја разви школата, извади деца кои денеска играат во сениорскиот национален тим, а со првиот тим стана хит и стигна дури до топ 8 во Лига на шампиони.

Знаеше да држи долги пресови, но на својот мајчин јазик. Во Италија убаво го научил јазикот. Пред две години им бил гостин и работел со деца.